Се подготвува Закон за високо образование, студентите на потег!
Се подготвува Закон за високо образование, студентите на потег! Бараат отчетност и транспарентност во креирањето на образованите политики.
Од новата власт очекуваме да спроведе транспарентни, инклузивни процеси и да носи образовни политики со претходно спроведена проценка на влијание на регулативата. Треба да бидат слушнати сите засегнати страни, а спроведените истражувања да бидат водилка во процесот на креирање на новиот Закон за високо образование- вели за Фактор, Александра Филипова од Младинскиот образовен форум.
Интегрирање на студентското претставничко тело во рамки организација на универзитетите и факултетите според студентите е од особена важност за да може да се создадат вредностите и принципите на кои би требало да се темели секое идното законско решение.
“Да, ова е од особена важност и е еден од механизмите за заштита на студентското претставничко тело. Имајќи ја предвид досегашната злоупотреба и на студентските пари и на студентското рпетставничко тело, на овој начин ќе се неутрализираат дел од досегашните проблеми и ќе се постави добра основа за студентите понатаму преку интерни акти да си го уредат организирањето според демократски начела”- нагласува Филипова.
Студентите очекуваат да се имплементира измената која ја предлагаат младинските и студентските организации, а тоа е парламентот да биде тело во склоп на универзитетите. На тој начин велат Студентскиот парламент ќе остане да функционира како невладина организација, односно како засебен надворешен ентитет, а ќе се формираат нови тела кои ќе ги исполнуваат сите потребни критериуми за да се биде репрезентативна организација.
“Она што можевме да го заклучиме низ дискусијата со претставниците на студентските организации кои држеа говори, но и од дискусијата со студентите и претставниците на студентски и младински организации е дека е потребно дополнително уредување и регулирање на студентското претставничко тело. Она што е посочено како важно е дека телото треба да биде во склоп на универзитетите, наместо да продолжи да функционира како невладина организација, за да може да се има механизми за заштита на финансиите, да се гарантира транспарентност при носењето на одлуките во име на студентите и да може да се предвидат механизми за заштита од нелегитимни претставници”- вели организаторката на консултациите за студентско делување.
Ананализираните документи извадени од Централен Регистар кои се однесуваат на парламентите според студентските организации покажуваат дека во последниве години нема спроведени никакви избори, имаат доставувано делумни или никакви податоци за работата, ниту пак имаат доставено завршни финансиски и наративни извештаи.
“Ова значи дека Законот за здруженија и фондации имаат прекршено многу одредби, за кои треба да се објаснуваат со институциите надлежни за санкции на ова, наместо да се вклучат во преговори за нов модел на студентско организирање”- додава Филипова.
Во новиот Закон за високо образование според неа треба да се предвидат механизми за попречување на корупција, мито и плагијати во високото образование, тело за заштита од дискриминација кое ќе постои на сите универзитети, а посебен фокус треба да се стави на студентската мобилност, практичната настава на студентите, но и на телата како Одборот за евалуација и акредитација, Совет за финансирање на високо образование.
“Овие тела и други на нив слични, досега беа формирани но нивната работа и квалитет многупати беа оспорувани. Гарантиран квалитет на високо образование и механизми кои тоа ќе го овозможат и мониторираат е уште една област која треба да ја уредува новиот Закон. Дополнително, студентското организирање како горлива тема во последните неколку години, треба да е дефинирано во главата студенти, со тоа што студентското претставничко тело ќе биде тело во склоп на универзитетите”- вели членката на Младинскиот образовен форум.
Процесот за изработка на новиот Закон за високо образование првично беше димензиониран низ неколку фази преку кои требаше да се подготви новото законско решение и кои требаа да гарантираат квалитет, транспарентност и инклузивност. Најраната фаза беше предвидена за изработка на Концептот за Новиот Закон за високо образование кој во себе ќе ги содржи фундаменталните вредности односно принципи на кои ќе се темели Законот и кои доследно ќе бидат операционализирани низ законскиот текст. Работната група на УКИМ во која партиципираше Студентскиот Пленум првично изработи предлог концепт.
Филипова вели дека Високото образование толку години е на маргините на полтиичарите, што промена на моменталната ситуација нема да има во брзо време. Промените се нешто што не може да се предвиди и зависи од власта и од нејзината желба за соработка со младинските и студентските организации.
С.Б.
