СЕ ПОЧНА СО ИБНИ ПАЈКО: КОЈ Е БОЕМ, А КОЈ Е ЗЛОБЕН - се води вистинска војна меѓу Шилегов и Силјановска
Не стивнува вербалната војна меѓу скопскиот градоначалник Петре Шилегов и професорката Гордана Силјановска, која е носител на пратеничката листа во Изборната единица 1 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Се почна кога градоначалникот Шилегов реагираше зошто средбата на ВМРО-ДПМНЕ со граѓаните пред неколку дена се одржала во паркот кај Ибни Пајко.
„Се чудам, што не отидоа на галиите да прават средба ? Или на плажите на Вардар ? Зашто баш во парк Ибни Пајко отидоа ? Сигурно им се допаѓа, ама ете, суети, па не сакаат да признаат. Се надевам дека барем им текнува каков хаос од див пракинг беше ова место до пред една година ... П.С. За колите што се на диво влезени, известено е МВР... П.П.С. Пазете на некоја шајка да не седнете“, напиша тогаш Шилегов на Фејсбук. Професорката, пак, му одговори дека има и многу објекти изградени од ВМРО-ДПМНЕ, за кои го советува дека би било добро некогаш да ги посети, но ако притоа не му настрада боемскиот живот.
„Сега Петре имаме најсовремена и нова филхармонија и реновирана Македонска опера и балет (каде патем организиравте многу настани). Не се сеќавам дека ја прекоривте и министерката Шеќеринска за прославата во прекрасниот МАКЕДОНСКИ народен театар. Таму се Петре и Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, Музејот на жртвите од холокаустот итн... Би било добро да ги посетите некогаш, секако, ако тоа не значи дека ќе страда боемскиот живот“, пишува, меѓу другото Силјановска. Потсетува дека таму се и многу институции, меѓу кои и узурпираните Уставен суд, Јавно обвинителство, МНР и други. „За жал Петре, навистина е точно тоа што велат, дека не можете да го избелите тоа што претходната власт го изградила. Зип лајнот, тунелот под Кале, трамвај без шини, Луна парк, гасификација, нови булевари... остварено НУЛА. ГИ НЕМА! Те замолувам драг Петре, да не збориме за ситно! Ти посакувам убав боемски живот. Скопје заслужува подобро!“, стои во нејзиниот пост на фејсбук.
А денеска, најсвежа реакција е онаа на градскиот татко Шилегов, кој вели дека нејзините наводи се злобни, и дека го напаѓа со старата вмровска приказна - дека тој бил пијандура.
„Ех професорке Силјановска, добро е, сте се фокусирале, па сте составиле реченица без лапсус. За жал, не издржувате, па повторно на површина ја вадите целата своја злоба која се обидувате да ја сокриете со божемна наивност, и нормално, употребувате лични квалификации. Ама србите викаат “с ким си, такав си”, па и не ме чуди. Во недостаток на аргументи, Петре Ви бил пијандура. Стара вморонска приказна. Нема проблем, живејте си со таа приказна. Мора да си се тешите за сопствената инфериорност. И политичка, а очигледно и интелектуална. Тоа е. Ситна душа“, пишува Шилегов, илустрирајќи ги неговите наводи со две фотографии, едната од уништената ограда пред МНТ, а другата од еден од новите четири булевари, направени во време на неговиот мандат.
