Се основаат три нови национални установи од областа на културата
Усвоени се информации за основање три нови национални установи од областа на културата.
Владата, на предлог на Министерството за култура денеска разгледа и усвои информации за потребата од основање на три национални установи од областа на културата, за коишто Министерството за култура е задолжено до Владата да достави одлуки за основање.
Станува збор за нова национална установа „Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес“ – Смилево.
Овој Меморијален музеј денес функционира како депанданс на Завод и музеј – Битола, иако е оддалечен повеќе од триесет километри од матичната институција, а е од важност поради тоа што во него, преку текстуални документи и фотографии е претставено значењето на Смилевскиот конгрес од 1903-та година.
Се основа и нова национална установа „Музички театар“ во Република Северна Македонија – Тетово.
Основна дејност на оваа установа ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално-инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани.
Се основа и нова национална установа „Камерен оркестар на Битола“ – Битола, што се очекува значително да ја зголеми културната понуда на целиот Пелагониски плански регион, опфаќајќи ги градовите Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Ресен.
