Се огласија од кабинетот на Курто Дудуш - Еве што рекоа за приведениот
Од кабинетот на градоначалникот на Шуто Оризари, во врска со вработениот во општина Шуто Оризари, за кого Скопското обвинителство предложи мерка притвор од 30 дена за барање поткуп, а СВР-Скопје поднесе кривична пријава, соопштија дека не бил советник на градоначалникот Курто Дудуш, туку бил возач.
Осомничениот С.М. (40) беше приведен на 27 февруари во попладневните часови во просториите на општината, а медиумите пренесоа дека тој бил советник на градоначалникот.
„Истиот ден во медиумите се појавија невистините информации дека се работи за лице кое е советник на градоначалникот на Шуто Оризари. Во одредени медиуми беа пласирани и неточни информации дека и градоначалникот е во притвор и примал мито. За сите невистинити и неточни информации, кои проциркулираа во јавноста и кои го нарушија угледот и честа на градоначалникот на општината, како и рејтингот на општината веќе се во тек постапки против соодветни инстанци“, се вели во соопштението.
Одтаму додаваат дека општината Шуто Оризари и градоначалникот имаат јасни заложби за борба против корупцијата, зачувување на законите и имплементирање на правда, врз кое било правно или физичко лице.
„Граѓаните на РМ очекуваат спроведување на целосна, а не селективна правда врз сторителите на кривични дела без разлика дали се работи за случаи на мито од илјада денари и мито и корупција од милионски суми“, велат од Кабинетот на Дудуш.
Осомничениот како вработен во општината Шуто Оризари на 27 јануари во службените простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1000 евра. Наградата осомничениот ја договорил и примил искористувајќи го своето влијание, да изврши посредување во вршење на службено дејствие, кое не би требало да се изврши. Имено, тој ги побарал средствата за да се донесе решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект, соопшти денеска Обвинителството.
