СЕ ОГЛАСИ ОПШТИНА ЦЕНТАР ПО ИНЦИДЕНТОТ: оштетени се коловозот, тротоарот, канализационата мрежа - инвеститорот е санкциониран
Инспекциските служби на Општина Центар, заедно со МВР, веднаш излегоа на терен во врска со инцидентот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, каде е евидентирано оштетување на јавна површина и инфраструктура во непосредна близина на градежен зафат, соопштуваат од општината.
- По извршениот увид, констатирани се оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа и уличното осветлување, при што веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции кон инвеститорот за непочитување на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.
Паралелно со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар излегоа на терен и веднаш презедоа мерки за обезбедување на локацијата. Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор - нагласуваат во соопштението испратено до медиумите.
Од општина Центар додаваат дека нема да толерираат несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор.
- За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности.
Истовремено, инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за заштита и санација, како и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба.
Општина Центар останува на терен и будно ќе го следи случајот сè до целосно отстранување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните - се нагласува во соопштението од Општина Центар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
БАГЕРОТ КОЈ ЈА КОПАЛ ДУПКАТА ВО СКОПЈЕ БИЛ ЗАТРУПАН СО ЗЕМЈА - за среќа возачот навреме излегол
Фото: Принтскрин/Фејсбук
