Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се огласи Љупчо Николовски откако беше повикан во полиција: Неспособноста ја прекриваат со монтиран случај

Се огласи Љупчо Николовски откако беше повикан во полиција: Неспособноста ја прекриваат со монтиран случај

Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник Љупчо Николовски се огласи по информацијата дека бил повикан во полиција на информативен разговор. Поранешниот генерален секретар на СДСМ тврди дека случајот е монтиран поради, како што вели, неспособноста на власта.

„Почитувани граѓани, земјоделци, пријатели,

Еден монтиран случај. Толку им требаше на актуелното раководство за да се обиде да ја покрие сопствената неспособност и криминал и тоа напаѓајќи ја најуспешната реформа во земјоделството.

Се случува ова во момент кога незадоволството кај земјоделците е на невидени размери: доцнат субвенциите, ниски се откупните цени, поништени се повиците за рурален развој. Кога владата не може да се справат со вистинските проблеми, се вклучува пропагандната машинерија за дефокус.

Сакам директно да им се обратам на луѓето зад бројките, зошто за оваа Влада тоа се само бројки, а за мене се лица и семејства:

На над 270-те нови семејни винарии кои ги отворивме заедно. На лозарите кои конечно престанаа да го продаваат родот за бесмислени цени и почнаа сами да произведуваат вино со свое име и своја етикета.

На над 4.000-те мали производители на храна кои денес легално, од куќен праг, ја продаваат својата работа.

На производителите на околу 1.000-те нови етикети македонски вино што го има веќе секаде низ светот.

На семејствата во руралните средини чии деца останаа дома, во своето село, наместо да заминат.

Тоа е реформата за која ме напаѓаат.

И зошто токму сега? Затоа што наместо реформи имаме:Уапсен директор на Платежната агенција, фатен на дело со пари, Уапсен директор на Земјоделскиот инспекторат, Мито од по 50.000 и 100.000 евра, Блокирани ИПАРД фондови, доцнат субвенции, поништени повици.

Не станува збор за прекршување на Законот за јавни набавки, ниту за пријава од земјоделци. Станува збор за монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските прашања.

Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси.

На земјоделците, винарите и производителите кои ме контактираа овие денови, Ви благодарам. Вие знаете што направивме.

Вие живеете од таа реформа“, објави Николовски.

Тој вчера бил повикан на службен разговор во СВР Скопје, објавија одредени медиуми, повикувајќи се на извори во истрагата. Според информациите, разговорот е поврзан со сомнежи за злоупотреби при спроведување на јавна набавка во вредност од над 800.000 евра, реализирана во периодот кога Николовски ја извршуваше министерската функција. 

Од засега достапните информации, наводно предметот се однесува на евентуално постапување спротивно на Законот за јавни набавки. Надлежните институции сè уште немаат објавено официјални детали за случајот. Од МВР и од Обвинителството засега нема официјална потврда за текот на истрагата.


Слично

Поврзани вести