Се огласи Ќура за заматената вода, виновна е претходната локална власт на Струга
Сред кризна состојба во која се најдоа околу 20.000 домаќинства во Струга и струшко поради енормното загадување на водата за пиење, градоначалникот конечно се врати од службено патување. Состојбата со водата, вели, не е добра, но се преземаат мерки за надминување на проблемот и лоцирање на вината.
„Се мисли дека е можно да е дојдено од земјотрес, може да е дојдено од лица кои работеле од 2020-та и пред тоа со копање во горниот дел на базенот, што е можно, но не можам да потврдам со сигурност дека се случува тоа. Овој феномен не дојде тек така, туку поради слабото менаџирање и неземање на мерки кои се потребни за ваква ситуација од бившите директори, од бившата власт и мислам дека сите чинители ќе одговараат“, вели Менди Ќура, градоначалник на Струга.
Една недела Струга е без притисок на вода, од чешмите тече кал, а граѓаните полнат канти и влечат флаширана вода. Ова го отвора прашањето зошто општината, по примерот на други помали градови, не обезбеди чиста вода за населението со цистерни, диспензери, канистри со чиста вода за жителите, а посебно за училиштата и болниците.
Приватна институција дополнително ќе утврдува кои се причините за заматеноста на водата во Струга. Стружани сеуште немаат чиста вода за пиење а градоначалникот Ќура уверува дека се преземаат сите мерки од страна на надлежните институции и се надева дека за неколку дена ќе се реши овој горлив проблем кој во градот го има со години наназад.Иако според последните анализи на Центарот за Јавно здравје заматеноста се намалuва сепак сеуште трае забраната за користење на водата од градскиот водовод во Струга.
