Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се огласи екс градоначалникот на Струмица - Костадинов: Еве зошто тој донел електрични автобуси во Струмица

Се огласи екс градоначалникот на Струмица - Костадинов: Еве зошто тој донел електрични автобуси во Струмица

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, преку објава на социјалните мрежи се осврна на идејата за воведување електричен јавен превоз во градот, посочувајќи дека со растот на цените на горивата ваквото решение станува уште пооправдано. 

Костадинов истакна дека кога била воведена идејата за електричен јавен превоз во Струмица, многумина ја сметале за непотребна или премногу амбициозна. Сепак, според него, денешните цени на горивата покажуваат дека одлуката била економски оправдана.

Според неговата пресметка, ако цената на дизелот во Македонија достигне околу 85,5 денари по литар, а просечен градски автобус троши околу 38 литри на 100 километри, тогаш трошокот за гориво изнесува приближно 3.249 денари на 100 километри, односно околу 32,5 денари по километар.

Од друга страна, електричен автобус троши околу 1,3 киловат-часови електрична енергија по километар. Доколку цената на струјата за институции се пресмета околу 9 денари за kWh, трошокот за движење на електричен автобус би бил околу 11,7 денари по километар.

– Разликата е јасна: дизел автобус чини околу 32,5 денари по километар, а електричен околу 11,7 денари. Тоа значи дека електричниот автобус е речиси три пати поевтин – наведува Костадинов.

Како пример, тој посочува дека ако еден градски автобус помине 200 километри во текот на денот, трошокот за дизел би изнесувал околу 6.500 денари, додека за електричен автобус би бил околу 2.340 денари.

Според него, разликата е повеќе од 4.000 денари дневно по автобус, а во пресметката не се вклучени и дополнителните заштеди од пониските сервисни трошоци кај електричните возила.

Костадинов додава дека електричните автобуси немаат менувач, турбини, издувен систем и моторни масла, што дополнително ги намалува трошоците за одржување.

– Кога бројките се ставаат на маса, станува јасно дека електричниот јавен превоз не е само еколошко решение, туку и економски рационална одлука – посочува Костадинов.


Слично

Поврзани вести