Се огласи бутикот „Шејн“: Сопственикот на објектот не ни кажа дека е дивоградба
Застапниците на брендот „Шејн“ со демант во јавноста се огласија дека на сопственикот на стакларникот на улица „Македонија“, кој функционираше како бутик и од вчера се отстранува, му плаќале закуп без да бидат информирани дека објектот има нелегална намена и дека од тоа самите претрпеле штета. Поради тоа, од таму им се извинуваат на своите клиенти.
„Локалот кој го споменувате е во сопственост на друга компанија од која ние го изнајмивме со Договор за закуп, без притоа да ни биде посочено дека не смее да се врши продажба на текстил што не доведе до оваа ситуација.
Нашата компанија и брендот „Шејн“ е странска инвестиција во Македонија, нашите планови се долгорочни а нашите стандарди и вредности по кои се водиме е да се почитува домашната регулатива во целост.
Натписите кои ги прочитавме ги сметаме за тенденциозни и му штетат на угледот на брендот „Шејн“, ние како компанија која се занимава со продажба на текстил неколку пати ја комунициравме општината за решение за ситуацијата во која се најдовме, по што од страна на закуподавецот добивме информација дека сам ќе ја отстрани терасата во средина на јануари а нашиот закуп тука ќе заврши.
Уште еднаш нагласуваме дека „Шејн“ не е сопственик на локалот ниту на терасата и дека без да ни биде посочено во Договорот за закуп од страна на закуподавецот дека не може да се врши нашата дејност.
Сакаме да им се извиниме на нашите потрошувачи и граѓаните за ситуацијата во која се најдовме, но наскоро може да очекуваат дека бутикот „Шејн“ повторно ќе биде достапен во центарот на градот.“, се вели во реакцијата на брендот „Шејн“.
Според информациите од Општина Центар, сопственикот сам го размонтира објектот, откако претходно беше издадено решение за отстранување. Градежен инспектор од општината во ноември лани издаде решение со кое му нареди на инвеститорот стакларникот кој е доградба, да биде отстранет и локалот да се врати во првобитна состојба.
Сопственикот побарал рок сам да го урне кој му беше овозможен од општинските власти. Порано, овој локал беше угостителски објекти, а доградбата која е на јавна површина се користеше како летна тераса што, пак, е дозволено.
