СЕ ОГЛАСИ БРАТОТ НА ИВАНА, АЛЕКСАНДАР - целото семејство и роднини на Ивана ќе присуствуваат на денешниот марш
Доцна синоќа повторно се огласи братот на трагично загинатите Ивана и Катја, Александар Стојановски, кој објави дека заедно со семејството денеска ќе учествуваат на протесниот марш, организиран на Денот на жената, но со цел изразување незадоволство од нефункционалоста на системот во земајва.
Стојановски посочи дека целото семејството, пријателите и роднините на Ивана Јовановска, денеска ќе се приклучат на Осмомартовскиот марш во Скопје.
Тој истакна дека ќе учествуваат на маршот, а во мислите ќе ги носат Ивана и Катја.
- Стоп за насилството, не молчиме, не прифаќаме, не се помируваме! Каде? – Парк Жена Борец, Скопје. Кога? – 12 часот, 08.03.2026, објави Александар.
Инаку граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ денеска, на 8 Март, меѓународниот ден на жената, организира протестен марш под мотото „За да нема следна. Нема да не снема“.
Во објавата на социјалните мрежи со која ги повикуваа граѓаните да се придружат на маршот кој ќе започне во 12.00 часот, на 8 март, во Жена Парк, се истакнува:
Оваа полиција не е наша полиција.
Оваа држава не е наша држава.
Време е заедно да осмислиме поинакво општество.
МВР поднело кривична пријава „по брза постапка“. Каква е таа брза постапка откако биле одземени животи? Откако жената и нејзините соседи веќе десетици пати пријавувале? Каква е таа заштита што доаѓа отпосле?
Нашиот глас никогаш не се слуша. Пријавуваш во полиција, ништо не се презема. Доаѓаме до крајности и се крева револт… и пак ништо. Сериски убијци и тепачи на деца и жени си шетаат како шерифи и никој ништо не им може, заштитени од институциите што ги плаќаме со наши пари.
Доста трпиме, да му ставиме крај на малтретирањето и убивањето на народот, а особено на жените. Да излеземе СИТЕ заедно на маршот за 8. Март, рамо до рамо со нашите сестри, мајки, ќерки, девојки, другарки, со жените што ги познаваме и што не ги познаваме. Заедно да се избориме за праведен, хуман и грижлив свет и да го срушиме овој систем на алчност и насилство.
Системот мора да е следен. Се гледаме денеска во 12:00 часот во парк Жена борец.
