СЕ ОГЛАСИ АКАДЕМИК АБАЗИ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ: Еве што мисли тој за идејата на „Вреди“ за формирање „Албанска академија на науки и уметности“
Имаме една Академија за сите, порачува академик Алајдин Абази, кој е актуелен потпретседател на МАНУ, по најавата на коалицијата „Вреди“ за формирање „Албанска академија на науки и уметности“ во Македонија.
Академик Алајдин Абази, кој е еден од двајцата актуелни потпретседатели на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во изјава за ТВ24 вели дека не може да има две национални академии на науки и уметности.
„Според принципите, не може да има две национални академии на науките и уметностите, не може општините да ја финансираат академијата како што се предлага. Имаме една Академија за сите“, вели академик Абази.
Ова е уште една од низата реакции на академици, политички партии, институции и поединци по најавата на коалицијата „Вреди“ дека ќе формираат „Албанска академија на науки и уметности“ што прво ќе биде финансирана од општински буџет, а потоа ќе работат на нејзино финансирање од државата.
Реагираше и претседателството на МАНУ, од каде апелираа оваа институција да не се вовлекува во дневнополитички и партиски дискусии. Тие нагласија дека во Македонија, како и во секоја земја, постои една национална академија.
Реакции стигнаа од владините коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, од каде што порачаа дека МАНУ е единствената институција во државата и дека не смее да се прави паралелизам.
Идејата на „Вреди“ според ДУИ е идеја која ги понижува Албанците бидејќи „Вреди“ требало да го преземе управувањето со МАНУ, а не, како што велат, да дојдат до „големата општинска идеја“.
Фото: Универзитет на Југоисточна Европа
