СЕ ОДРЖУВААТ ВО НЕКРСТЕНИТЕ ДЕНОВИ И СЕ ИНТЕРЕСНИ ЗА СТРАНСКИТЕ ИСТРАЖУВАЧИ: Ова се традиции што се пренесуваат со генерации
Во текот на некрстените денови секоја година во руралните средини во Македонија се одржуваат џоломарските игри. По старите обичаи, маскираните лица ги посетуваат домовите низ селото, а домаќините ги даруваат со месо, масло, вино, ракија, овошје и друго. Се верува дека на тој начин тие протеруваат зли духови. Сите овие традиции, но и песните кои се пејат, го пробудиле интересот кај странските истражувачи.
„Во понеделник ќе имаме изложба на џоломарите, а во селото Ресава ќе отвориме Соба за џоломарите. И во лето да помине некој, ќе може да го види тоа. Ќе има кукли облечени во наметките што ги носат џоломарите, опинци, чорапи и друго. Се практикуваат тие обичаи во селата. Во Кавадарци се одржуваат во селата Ресава, Бегниште, Дреново, Сопот, Манастирец и Марена. Ова е традиција на бркање на зли духови. Традицијата луѓето си ја чуваат и ја унапредуваат, одат и на други маскенбали во други градови, односно секаде се присутни. Некрстените денови се од 7-ми јануари вечерта до 19-ти кога е Богојавление. Лани имавме теренско истражување, од Унгарија дојдоа 10 докторанти со нивен професор за да ги истражуваат песните кои се практикуваат тука. За тој обичај знаат и во Унгарија, на универзитетот во Дебрецин, на групата етнологија и историја. Во Здружението на џоломари имаат традиција да купуваат предмети, на пример од 50 до 100 евра чини еден ѕвонец. Најдобро е да се биде во непосредна близина за да се почувствува суштината на настанот, кога тој се одржува. Сѐ е во изворна форма и ништо не треба да се менува и не се менува, сѐ си има своја симболика. Има лица маскирани како невеста, има и баба, која е симбол на годината која изминала. Кога одат по куќи, домаќините ги даруваат со храна и пијалак, кој што има за да ги избркаат злите духови. Тоа што ќе го соберат при самиот настан, се собираат по неколку дена, пијат и јадат, а со парите, купуваат маски. Групите се од 10 до 15 луѓе, секој со своја улога“, вели Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музеј галерија Кавадарци.
Што се однесува до маските и нивниот облик, тие се различни, се среќаваат: долги и тесни, јајчести, цилиндрични, округли и слично. Од типови на маски во Македонија застапени се: зооморфни, антропоморфни и антропозооморфни, но се среќаваат и маски кои не можат да се подредат на оваа типологија. Крстевски вели дека најстари меѓу нив се зооморфните маски направени од крзно и слама.
„За изработка на маските во Македонија се користат разновидни материјали. Најчесто се среќава ткаенина, која обично е исшарана со боја (најчесто црвена) околу очите и устата и понекогаш накитена со шарена шамија околу вратот. Материјалот секогаш е платно, клашеник, чоја и слично. Штавената кожа е чест материјал за изработка на маските, а најзастапена е јагнешката, овчата, кожата од дива и питома свиња. Истовремено се користи материјал од тиква, картон, дрво, кората од дрво, тестото, и слично. За маскирање се користи јагленот, саѓите од фурните и огништата, фабричките бои и шминки, со кои се мачкаат лицата. Во изработката на маската се користи и волната, конопот и сламата. Во презентацијата на маските во ритуалите денес се користат и маски од фабричко производство од најразличен материјал. При маскирањето се облекуваат искинати стари, но и нови делови на народната носија, најчесто женска“, додава Крстевски.
Маските вели дека во обредот се јавуваат како моќно средство за заштита, и се смета дека пред нејзиниот застрашувачки изглед се повлекуваат и најстрашните и најлоши сили, кои со своето дејство можат да му напакостат на човекот. Со својот облик маската ги материјализира претставите на човекот за натприродните сили, но исто така таа треба да предизвика страв, ужас и смеа.
Сања Атанасовска