Се очекува поларен студ, бездомниците ќе бидат згрижени
Деновиве бездомните лица ќе бидат згрижени затоа што се очекуваат температури и до -17 степени.
Министерството за труд и социјална политика, зедно со центрите за социјална работа и општинските организации на Црвениот крст ќе ги евидентираат сите бездомни и лица во ризик. Нив времено ќе ги сместат во двата прифатни центри во Момин Потик и Чичино село. Оние семејства кои имаат деца помали од три години ќе се сместуваат во „Ранка Милановиќ“ и „25 Мај“.
Доколку се јави потреба за сместување на лица надвор од Скопје, во соработка со МОН ќе бидат отворени училишните интернати. Aко некој има потреба за згрижување или пак некој граѓанин забележи лице на кое тоа му е потребно може да се пријави на бројот 195.
Сузана Тунева-Пауновска од Црвениот крст на град Скопје вели дека тимот за одговор при катастрофи веќе е мобилен.
„Четири тимови работат 24 часа. Во секој тим има парамедик, социјален работник, и логистика. Се работи за обучени лица во природни непогоди. Залихите храна, хигиена, ќебиња, топла облека, напитоци со кои се располагаме се веќе дистрибуирани до локалните организации на Црвениот крст во регионите каде се очекуваат ниски темпратури“-к ажа таа.
За поддршката на бездомниците, рече дека на дневна основа сега има згрижување на 8 до 10 лица.
Ова се дел од мерките за чие спроведување се договориле на денешната средба претставници на МТСП, Црвениот крст и Центрите за социјална работа.
