СЕ ОЧЕКУВА ДА ПАДНЕ И СНЕГ! Попоски соопшти дека ни доаѓа огромна промена на времето
Под влијание на голем влажен бран од Медитеранот, од следните часови, почнувајќи од југозападните предели од нашата Македонија (Охридско, Струшкиот и Преспанскиот регион) , ќе се прошируваат обилни врнежи од дожд, и до денес (петок 16 мај) навечер на повеќе места низ Македонија ќе наврне значително количество на воден талог (над 20/30 литри на метар квадратен дожд, локално и над 40 литри на метар квадратен дожд, вели метеорологот Славчо Попоски.
„И во Скопје и околината за време на овој период ќе има пообилни врнежи од дожд.
Веќе денес во текот на денот и навечер од север и од североисток ќе се спушта значително поладен воздух кој значително ќе ги спушти температурите на воздухот, и тие ќе бидат значително потпросечни за средината на месец мај. Поради падот на температурите, на планините (над 1400/1500 метри надморска височина) ќе има врнежи од снег и ќе се формира снежна покривка, во дел од планините и со висина од над 10 cм снег, особено во крајните западни и северозападни предели од нашата Македонија.
Сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец.
Температурите утре (петок 16 мај) на повеќе места нема да надминуваат 10 степени, а во делови од Македонија тие ќе бидат и под 10 степени а само во Повардарието тие ќе се искачат до околу 15 степени. На високите планински места тие ќе бидат до близу 0 степени, а на местата со надморска височина од над 2000 метри тие ќе се спуштат и под нулата.
Поради обилните врнежи кои ги очекувам во следниот период, истите можат да условат зголемување на нивоата на реките и на езерата во нашата Македонија, а можни се и локални поплавувања, токму поради ова, бидете крајно внимателни, особено ако се движите покрај реките и водотеците“, вели Попоски.
