Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се навршуваат 22 години од атентатот врз Глигоров, извршителите непознати

Се навршуваат 22 години од атентатот врз Глигоров, извршителите непознати

Пред 22 години на денешен ден е извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој го преживеа атентатот со здобиени тешки повреди на главата.

Во атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

И по толку години не се знае кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и дека  само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.

Во автомобил „цитроен ами 8“ имало  20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот. 

Се шпекулираше за Братиславска врска, за српското воено разузнавање и соработката со некои домашни структури на кои им пречела самостојноста на Македонија, а можен атентатор ја наведуваа и бугарската Мултигруп. 

Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години. 

Слично

Поврзани вести