СЕ НАВРШИ 21 ГОДИНА ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА БОРИС ТРАЈКОВСКИ: Сиљановска-Давкова положи венец на гробот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 21 година од загинувањето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина(БиХ), денеска положи венец со свежо цвеќе на гробот на Трајковски во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Претседателката Сиљановска-Давкова положи венци со свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.
Делегации на кабинетот на Претседателот положија венци со свежо цвеќе на вечните почивалишта на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес, на Борис Велинов на гробиштата во населба Илинден и на Аце Божиновски на гробиштата во Бардовци.
Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар.
Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
фото Кабинет на претседател
