Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ НАЈДЕ МЕСТО ЗА АГРЕСИВНИОТ ТАТКО ОД КОЈ ЈАВНО ПОМОШ ПОБАРА НЕГОВАТА ЌЕРКА ОД КУМАНОВО: Ќе биде сместен во „Демир Хисар“

СЕ НАЈДЕ МЕСТО ЗА АГРЕСИВНИОТ ТАТКО ОД КОЈ ЈАВНО ПОМОШ ПОБАРА НЕГОВАТА ЌЕРКА ОД КУМАНОВО: Ќе биде сместен во „Демир Хисар“

Потребно беше една жена јавно да ја раскаже својата семејна драма, со сите детали за стравот и безизлезноста во која живеела, за случајот да стане национална тема и институциите конечно да преземат конкретни чекори.

Исповедта на младата кумановка, која преку социјалните мрежи побара помош, го отвори прашањето дали системот навремено реагира во случаи кога постои опасност за семејството и за самото лице кое има сериозни психички проблеми.

Во своето видео-обраќање, жената раскажа дека со години живее во страв поради својот татко, кој, според нејзините тврдења, има проблеми со алкохол и дијагностицирани психички нарушувања. Таа посочи дека во домот живеат три жени и нејзиниот брат со церебрална парализа, кој, како што вели, исто така бил изложен на трауматични ситуации.

„Не знам во кој век живееме, но ова лудило и оваа агонија мора да престанат. Имам брат со церебрална парализа кој живее со нас и ги има преживеано сите овие трауми“, порача таа.

Според нејзиното сведоштво, семејството повеќепати се обидувало да добие институционална помош, но наидувале на проблеми при обезбедување соодветно лекување и сместување.

ФИЗИОТЕРАПЕВТКА ОД КУМАНОВО, БАРА ПОМОШ: Тврди дека со години живее во страв поради семејно насилство од нејзиниот татко

По реакцијата во јавноста, од Секторот за внатрешни работи Куманово информираа дека случајот е познат и дека се преземаат мерки во координација со Основното јавно обвинителство и други надлежни институции.

„Лицето се спроведува во Психијатриската болница Демир Хисар, а по претходно добиено решение од Основниот суд Куманово“, соопштија од СВР Куманово.

Со ова, лицето ќе добие соодветна медицинска помош и третман согласно неговата состојба. 

Случајот ја отвори и пошироката тема за капацитетите на психијатриските установи во земјава. Според сведоштвата на семејството, претходно им било кажано дека нема можност за подолготрајно сместување, а обидите за прием во специјализирани установи биле безуспешни.



Слично

Поврзани вести