„Се надевам дека тоа никогаш нема да ни се повтори“: Мицкоски им се извини на пртениците за инцидентите во Собранието
Премиерот Христијан Мицкоски се извини за инцидентите во Собранието, изразувајќи надеж дека вакви настани повеќе нема да се повторуваат. Изјавата следи по протестот на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, кои ја напуштија седницата поради навредите упатени од кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ кон пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.
Координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, посочи дека и однесувањето на премиерот Мицкоски, кој во расправата ги нарекувал пратениците „мизогени“ и „палири“, било причина за револт. Тој упати критики и кон претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради отсуство на реакција на настанатата ситуација.
По координацијата со Гаши, опозициските пратеници договорија заклучок за осуда на однесувањето на Стоилковиќ, а лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека заканите и навредите упатени кон пратениците се знак на слабост.
Мицкоски, на крајот од седницата и пред гласањето за новите министри, јавно се извини за случувањата и порача: „Како претседател на Владата, сакам да се извинам на вас, на пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори“.
