„СЕ НАДЕВАМ ДЕКА НАЈЛОШОТО Е ЗАД ДАРКО“ - познатиот фудбалер Чурлинов добил сепса, се лекува во Белград
Пред два важни дуели за македонската фудбалска репрезентација во квалификациите за Европското првенство, против селекциите на Украина (дома) и Англија (на гости), селекторот Благоја Милевски, покрај отсуството на напаѓачот Бојан Миовски, нема да може да смета и на услугите на Дарко Чурлинов, пишува Фокус.
Селекторот Милевски денеска ја објасни ситуацијата со фудбалерот на Барнли. За него кажа дека се наоѓа во болница во Белград, на лекување е откако добил труење на крвта (сепса).
„Дарко Чурлинов е во болница во Белград. Засега нема јасен одговор околу неговата ситуација ниту од докторите. Имаше внатрешно труење, не се знае дали е последица од проблеми со заб или анесетезија. Познато е дека тоа резултирало со труење на крвта, односно сепса. Се надевам дека најлошото е зад Дарко. Познавајќи го него каков борец е, верувам дека ќе биде во најдобар ред“, изјави Милевски.
Чурлинов сезонава не беше меѓу најстандардните во Барнли, се мачеше со повреди, но се чини дека имал и други здравствени проблеми кои го одалечиле од зелениот терен.
Инаку селекторот Милевски рече дека сега во мислите на фудбалерите е само мечот со Украинците.
