Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се „ловат“ затајувачи на данок што заработуваат на интернет

Се „ловат“ затајувачи на данок што заработуваат на интернет

Секторот за внатрешни работи Битола до кичевското обвинителство поднесе кривична пријава против П.Ѓ. (34) од Македонски Брод, поради основи на сомневање дека сторил кривично дело даночно затајување.

Пријавениот во текот на 2016 година занимавајќи се со интернет активности, во повеќе наврати примал уплати од лица од повеќе држави, преку т.н. брз трансфер на пари и при тоа во текот на 2016 година примил уплати од 1.142.795 денари. Тој за парите не поднел задолжителна годишна даночна пријава во Управата за јавни приходи, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање на данок. На тој начин П.Ѓ. извршил затајување на данок во висина од 114.279 денари, односно за таа сума го оштетил државниот буџет.

Од МВР информираат дека за даночно затајување СВР Битола, поточно Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднела десет кривични пријави со кои се опфатени десет други лица, при што севкупно го оштетиле буџетот за вкупно 1.985.328 денари.

Истовремено, за уште други 110 лица, кај кои износот на затаен данок не го надминува законски пропишаниот за поведување на кривична постапка, од страна на УЈП на РМ како надлежна институција за водење на прекршочна постапка, се поведени прекршочни постапки. Лицата за кои е поведена прекршочна постапка од страна на УЈП на РМ извршиле затајување на данок и го оштетиле Буџетот на РМ во износ од околу 3 милиони денари.

СВР Битола, односно НК за КР Македонски Брод веќе постапува на уште 22 други случаеви за даночно затајување, по основ на разни интернет активности.


Слично

Поврзани вести