Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се јави Наќе Чулев: Јас спроведував само избори, за скандалот со дипломатот никој не ме информираше

Се јави Наќе Чулев: Јас спроведував само избори, за скандалот со дипломатот никој не ме информираше

Наќе Чулев, поранешниот технички министер за внатрешни работи, се огласи на социјалните мрежи со тврдење дека, иако во негово време била распишана меѓународна потерница по дипломатот Миле Миленкоски, за тоа не бил информиран од никого во неговиот ресор.
„По не знам кој пат Оливер Спасовски причината за своите катастрофални грешки, пропусти и нестручност ги бара во мене. Самиот тој е свесен, но не сака да признае дека вината за големиот број скандали кои во континуитет го тресат МВР и државата е само во Оливер Спасовски и луѓето поставени од него.

Мојата улога како технички министер во Владата беше спроведување на парламентарните избори. Краткиот период и големите опструкции беа пречка да се расчистат сите криминали во кои се инволвирани највисоките структури во МВР. За тоа допрва доаѓа времето. Убеден сум и верувам дека правдата ќе го стигне и него и секој кој постапувал спротивно на Законот, на тој начин изневерувајќи ја довербата на граѓаните и валкајќи го угледот на државата и уништувајќи ја нејзината европерспектива.

Додека јас бев министер, ниту еден од пиуните на Оливер Спасовски до мене не достави информација за било каков криминал од меѓународни размери, напротив тие по негова насока правеа опструкции и вешто ги скриваа скандалите правени од негова страна. Исто така, дополнително ниту било која друга државна институција не ме информираше за наведениот скандал. Доколку сака вината во некого да ја побара тоа нека го направи во кадрите поставени од Владата и лично од него.

Ги повикувам надлежните институции да проверат кој и зошто и за какви цели издавал лажни пасоши, задскривал меѓународни скандали и надлежните организациски единици во МВР да покренат постапки за дисциплинска одговорност за сите луѓе на Оливер Спасовски кои се дел од неговите незаконски шеми и бизниси, а свесно ги кршеле законските прописи“, гласи соопштението на Чулев.

Оливер Спасовски при денешната посета на Куманово рече дека не бил министер за внатрешни работи кога била распишана потерница по високиот дипломатски службеник Миле Миленкоски, кој беше уапсен изминатиот период откако во 2018 му помогнал на братот на ерменскиот претседател да пребега од Ереван во Виена, иако се барал од ерменските власти за проневера на околу 7 милиони долари.

Македонското Министерство за надворешни работи изминатиот викенд потвди дека дипломат е приведен во Србија на 27 август годинава. За апсењето, МНР е официјално известено од српското Министерство преку Амбасадата на Македонија во Белград.



Слично

Поврзани вести