Економија, финансии, бизнис

Контакт

„СЕ ЧУВСТВУВАМ ЗАГРОЗЕН, СЕ ДОДЕКА НЕ СЕ НАЈДЕ ЛИЦЕТО ШТО ГО НАПРАВИ ДЕЛОТО“: Се огласи д-р Шаини по излегувањето од болница

„СЕ ЧУВСТВУВАМ ЗАГРОЗЕН, СЕ ДОДЕКА НЕ СЕ НАЈДЕ ЛИЦЕТО ШТО ГО НАПРАВИ ДЕЛОТО“: Се огласи д-р Шаини по излегувањето од болница

Неколку дена по атентатот, докторот Зеќирја Шаини вчера беше пуштен на домашно лекување. Тој имаше четири прострелни рани.

Тој во интервју за ТВ21 рече дека се чувствува добро, но нагласи дека е загрижен за неговата безбедност се додека надлежните органи не го фатат сторителот.

„ Се чувствувам загрозен сè додека не се пронајде лицето кое го направи делото, бидејќи немаме ништо конкретно што тоа лице би можело да има против мене, рече тој.

Истакна дека не сака повеќе да зборува за случајот кој ја потресе и неговата фамилија, и потенцираше дека случајот го оставил на истражните органи.

„Не бегам од одговорност, тоа што се случи – се случи, но не планирам да престанам да работам. Немам долг кон никого, но не сакам да навлегувам во таа многу чувствителна тема, која многу ја вознемири мојата фамилија“, рече тој.

Инаку, полицијата завчера ја приведе сопругата на докторот Зеќирја Шаини, која, според МВР, се сомничи дека е поврзана со пукањето на нејзиниот сопруг пред два дена во Куманово. Исто така, во врска со настанот, шест лица се повикани на информативен разговор во Полициската станица Куманово.

„СВР Куманово поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово против лишената од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обид за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од селото Слупчане, Липково. Осомничената, во редовна постапка, е пуштена на слобода до понатамошно постапување на истражните органи“, соопштија од МВР.

Во врска со случајот, на разговор се повикани 6 лица, а во куќата на Б.С. (50) од Куманово, со судска наредба, е извршен претрес. Во бегство е атентаторот Л.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и против кого ќе биде поднесена кривична пријава.

Докторот пулмолог Зеќирја Шаини е и носител на советничката листа на НАИ за Општина Липково, но четирите куршуми што ги доби во телото, како што се наведува, не биле испукани од политички мотиви.


Слично

Поврзани вести