СЕ „ЧЕШЛА“ НАЈЗНАЧАЈНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, КАКО ТИЕ ГОНАТ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ - надзорот строго според законите
Се „чешла“ едно од клучните делови на Јавното обвинителство, а тоа е токму оној дел кој гони организиран криминал и корупција.
Со одлука на главниот јавен обвинител, сите јавни обвинители од Јавното обвинителство на земјава денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Претходно, согласно надлежностите на републичкото јавно обвинителство, контрола беше извршена во сите виши јавни обвинителства во државата. Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства донесен од Советот на јавните обвинители. До крајот на годината ќе биде извршен надзор и над постапувањето на Одделението за меѓународна правна помош во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и над Канцеларијата за врски со Европравда во републичкото обвинителство“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Правосудните органи во земјава се често предмет на критики и од јавноста, и од меѓународните организации, но и од власта, за нивното непостапување, или неправилно постапување за одредени предмети.