Се чекаат резултатите од вештачењата за несреќата на автопатот Струма
Фото: ЕПА-ЕФЕ
Истрагата за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 лица, од кои речиси сите од Македонија, е при крај, а шефот на бугарската Националната истражна служба Борислав Сарафов за БНТ вели дека се очекуваат само резултатите од вештачењата – судско-медицинска, техничка и пожарно-техничка.
Според најавите, тие би можело да бидат готови пред Божиќ, (з.а. на 25 декември). Првичните податоци во моментов покажуваат дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта врнел дожд и патот бил влажен.
– Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 км/ч. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач, изјави Сарафов.
Тој додаде дека во вакви услови,но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина.
Се уште не е познато зошто автобусот скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот.
Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.
