Се чека одговор кога ќе се вратат четворицата Македонци „заробени“ во карантин
Министерот за здравство, Венко Филипле, изјави дека денеска чека одговор од националните здравствени организации за тоа кога Македонците кои се во карантин поради коронавирусот ќе може да се вратат дома.
- Контактиравме и со Светската здравствена организација и со Министерството за надворешни работи за директно да стапиме во контакт со јапонските власти, рече Филипче.
Во моментов има тројца македонски државјани меѓу патниците на јапонскиот крузер, што беше ставен во карантин во пристанишето во јапонскиот град Јокохама, а на кој што има заразени од коронавирусот, додека во Франција македонска државјанка е се уште во карантин откако се врати од Кина со специјален лет организиран под француска програма.
Во меѓувреме уште 41 лица на крстарење закотвени во Јапонија заболеле од новиот коронавирус, со што вкупниот број е на 61, пренесува Ројтерс. Стотици патници се заклучени во нивните кабини и тестирањето на коронавирус продолжува. Бродот Diamond Prinses со околу 3.700 луѓе, меѓу кои и персонал и патници од Балканот, е ставен во карантин веќе две недели откако пристигна во јапонското пристаниште Јокохама во понеделникот, кога вирусот беше дијагностициран во Хонг Конг.
Македонска државјанка, врз основа на доброволна согласност, а со посредство на амбасадите на Република Северна Македонија во Пекинг и Париз, пред пет дена успешно е евакуирана од кинескиот град Вухан. Нејзината здравствена состојба е добра, не постојат симптоми на корона вирусот. Пред да го продолжат патот до своите матични држави, патниците ќе бидат евакуирани во помал град на југот на Франција, каде ќе подлежат на задолжителен карантин во трaење од 14 дена, што е воспоставен протокол за евакуација на сите патници од Вухан.
