СЕ БУДИ ЛИ СТАРИОТ СУДИР: Бугарите во клинч со Македонија-се нижат закани и уцени
По објавувањето на бугарската декларација, во која Софија упати бројни барања од Северна Македонија како услов за почеток на преговорите за влез во ЕУ, не се стишува бурата, а сега интелектуалците од обете држави се побунија.
Имено, Бугарија бара, меѓу другото, Северна Македонија да не го нарекува својот јазик македонски, да ги избрише сите натписи за „бугарските фашистички окупатори“ од учебници и од спомениците посветени на настаните од Втората светска војна, своите наставни програми во историјата, литературата и географијата да ги усогласи со бугарските и да го отфрли тврдењето дека македонското малцинство постои во Бугарија.
Реагирајќи на барањата на официјалната Софија, група интелектуалци од обете држави, усвоија декларација со која се осудува остриот тон и содржината на бугарскиот документ. Историчари, политички и научни експерти, свештеници, новинари, социолози, економисти и други истакнати интелектуалци од Бугарија и Северна Македонија изразија разочарување и длабока загриженост за документот усвоен од бугарската влада и парламентот, пренесува Балкан инсајт.
Интелектуалците тврдат дека комунистичкиот тон и ригидните барања се закануваат да ги поткопаат односите меѓу двете земји што неодамна се подобриле.
„Таквото враќање на јазикот на националниот комунизам е неприфатлив за нас“, се вели во декларацијата потпишана од повеќе од 100 луѓе.
