Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БЛИЖИ ЗИМАТА: Колку од македонските граѓани не можат соодветно да ги загреат домовите?

СЕ БЛИЖИ ЗИМАТА: Колку од македонските граѓани не можат соодветно да ги загреат домовите?

Споредено со земјите од Европската Унија(ЕУ) заостануваме и во однос на можноста да ги загрееме домовите.

Ова може да се види од бројките на Евростат. Ако мал број Финци, Чеси, Словенци, Естонци имаат таков проблем, во Македонија, голем дел од населението не може да си дозволи соодветно загревање на домот во зима.

Меѓу 25 и 30 проценти од македонското население живее во енергетска сиромаштија. Според статистиките на Евростат, во 2020 година една третина до една четвртина од луѓето во земјава можеле задоволително да го загреат домот.

Во прирачникот за енергетска сиромаштија што го изработи „Аналитика“, се наведува дека најголемиот дел од оние кои се сметаат за енергетски сиромашни лица користат електрично греење. Во време на зголемување на цените на енергијата, користењето на електрична енергија за греење во неизолирани или стари станови може да биде многу скапо поради големите загуби на енергија. Бидејќи електричната енергија е најрелевантниот извор на енергија во домаќинството, нејзината достапност е многу важна, не само за греење туку и за задоволување на другите енергетски услуги, како што се употребата на апарати, топла вода, ладење, осветлување и готвење. 19 од 63 испитаници одговориле дека сметките за струја ги плаќаат со тешкотии, додека 15 од тие 19 изјавиле дека се во енергетска сиромаштија.

„Припадниците на малцинските етнички заедници, постари жени кои живеат сами, лица без средно образование, многудетни семејства, невработени лица, пензионери и лица со попреченост се во поголема опасност да бидат засегнати од енергетска сиромаштија. Тоа е поради тоа што овие категории на граѓани имаат помали примања, поголеми трошоци за енергија и други основи потреби или поголема потреба за греење. Може да се очекува дека како резултат на кризата, енергетската сиромаштија ќе се зголеми. Енергетската сиромаштија во С. Македонија е комплексен проблем кој се јавува како резултат на ниските приходи, но и ниската енергетска ефикасност на становите, високите цени на енергенсите и недостатокот на систематска поддршка за справување со овој предизвик. Овој феномен не е ист со имотна (обична) сиромаштија, односно засега многу поголем број на граѓани од оние со ниски приходи“, вели д-р Ана Стојиловска која изработи докторат на оваа тема.

Таа објаснува дека енергетската сиромаштија не е само неможност да се платат сметките за енергија, туку треба да се смета за дел од потребата да се гарантира задоволување на сите основни потреби во домот – за греење, ладење, превоз, комуникации и слично.

„Ова е важно бидејќи скриена енергетска сиромаштија е кога граѓаните им даваат предност на плаќањето на сметките за електрична енергија и греење, но за да го постигнат тоа намалуваат трошоци за други основни потреби, како превоз, храна и слично. Мерките во С. Македонија за намалување на енергетска сиромаштија како што е Програмата за енергетски ранливи потрошувачи и Програмата за поттикнување на енергетска ефикасност и обновливи извори кај домаќинствата не се ефикасни во намалување на проблемот бидејќи не ги покриваат потребите на лицата во енергетска сиромаштија. Особено предмет на критика во однос на доделување на субвенции е принципот на прв дојден – прв услужен бидејќи ги поддржува оние лица кои можат да купат нови технологии и без субвенциска поддршка.  Еден од најголемите предизвици со кои енергетски ранливите граѓани се соочуваат, кој е истовремено и проблем на голем дел на оние кои не се енергетски ранливи, е покривањето на непредвидени трошоци, што укажува дека граѓаните немаат доволно финансиски заштеди кои би ги инвестирале во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија“, изјави Стојиловска.

Билјана Дуковска од Македонска платформа против сиромаштија, вели дека голем дел од граѓаните се соочуваат со проблем соодветно и целосно да го затоплат својот дом и тој тренд ќе продолжи и годинава.

„Порастот на цените на основните производи ги осиромашува граѓаните и не дозволува да се одделат доволно пари од семејниот буџет за соодветно да се затопли домот. Состојбата е критична кај семејствата кои се во системот на социјална заштита, оние со нередовни и ниски примања и пензионерите со ниски пензии. Иако постојат мерки за субвенционирање на дел од сметките за енергија кај ранливите потрошувачи, тие не помагаат доволно и не се достапни за сите граѓани кои се во ризик од недостаток на енергија.  Многу е важно локалните самоуправи да се вклучат во поддршка на граѓаните преку програми и мерки кои ќе се однесуваат на различните проблеми кои доведуваат до енергетска сиромаштија, од замена на неефикасни печки и апарати кои имаат голема потрошувачка на струја, поддршка за реновирање и зголемување на енергетска ефикасност, инвестиции во обновливи извори во заедницата, па дури и субвенции во енергенси или парична помош за некои семејства, како додаток на национални мерки за подобрување на материјалната состојба на семејствата. Проблемот може да се третира и решава само преку сет од мерки кои се надополнуваат и никогаш со изолирани или еднократни интервенции“, вели Дуковска.

Во 2022 година, 9,3 отсто од населението на ЕУ изјавило дека не може да го загрее домот соодветно. Во споредба со 2021 година, ова учество е зголемено за 2,4 процентни поени.  Ситуацијата варираше низ државите на ЕУ. Најголем дел од луѓето кои не можат да го загреат домот се регистрирани во Бугарија (22,5 отсто), Кипар (19,2 отсто), Грција (18,7 отсто), Литванија и Португалија (и двете по 17,5 отсто), Шпанија (17,1 отсто) и Романија ( 15,2 отсто). Спротивно на тоа, Финска со (1,4 отсто), Луксембург (2,1 отсто), Словенија (2,6 отсто), Австрија (2,7 отсто), Чешка (2,9 отсто), Шведска (3,3 отсто) и Естонија (3,4 отсто) забележаа најниски удели.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести