СЕ БЛИЖИ ВОДИЦИ: Што треба да се направи пред скокање по крстот и кој треба да избегнува да се фрла во студените води?
Се ближи големиот празник Водици, ден кога голем број верници скокаат по светиот крст во водите на езерата, реките или во базените во градовите, но треба да се внимава и во оваа традиција да учествуваат луѓето кои се во добра здравствена кондиција.
Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека е добро организаторите на самиот настан да направат прегледи на учесниците пред скокањето по крстот. Таа советува дека луѓето кои се хронично болни и повозрасни треба да внимаваат на своето здравје, додека младите кои се здрави, имаат добра циркулација, слободно можат да скокаат по светиот крст.
„Не треба да се консумира алкохол пред скокањето по крстот. Исто, луѓето кои ќе скокаат да не бидат прејадени. Убаво е да се чува традицијата и јас ги следам тие настани кога се скока по крстот. Таму има доста млади кои се во полно здравје и скокаат по крстот, а луѓето кои имаат здравствени проблеми треба да се воздржат“, рече Чолакова Дервишова.
Додава дека луѓето кои скокаат по крстот, обично веќе знаат на што треба да внимаваат. Советува, капачите пред да скокнат по крстот, да се натопат со вода.
„Вардар има вртлоци, но луѓето кои скокаат, ги знаат местата. Пред да скокнат, да се намократ, да се подготват за влез во водата. Тоа го правиме и во лето. Сме читале дека и во лето при нагло скокање во студена вода се случувале инфаркти. Во водата треба да се влегува постепено. По завршување на настанот, да се облечат во топла облека, да пијат топли напитоци, но и да се истушираат бидејќи водите во реките ни се загадени“, советува Чолакова Дервишова.
Во земјава има луѓе кои со години скокаат по светиот крст на Водици. Игор Јакимовски е рекордер и од 1994 година непрекинато на празникот се фрла во реката Вардар.
Во четврток и во петок температурите на повеќе места ќе се искачат над 10 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели ќе бидат повисоки. И во Скопје и околината ќе имаме слично време. Температурата ќе се искачи до 12 степени. За време на викендот се очекува дожд.
Сања Атанасовска