Се ближи крајот на изборната кампања-какви пораки праќаат партиите?
Денес е последниот ден од изборната кампања. Партиите ќе имаат уште една прилика да се сретнат со граѓаните и да им го приложат „објаснувањето“ зошто бараат поддршка, односно изборната програма со која ќе ги убедат да гласаат за нив.
Oбвинувања и партиски оцрнувања слушавме и во оваа изборна кампања.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ вчера беше во околината на општина Могила и Македонски Брод. Оттаму првиот опозиционер рече дека опонентот се обидува со криминал да победи.
„Не можат со проекти, со визија, со идеи да бидат избори, па се обидуваат со притисоци, со закани со се што не е дозволено“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашната средба со жителите на Могила.
СДСМ пак беше на средби со граѓаните во Тетово. Заев пред да митингува имаше средба со коалициониот партнер во владата, но и на локалните избори, Али Ахмети.
Пред Тетовчани, лидерот на СДСМ побара поддршка за актуелната градоначалничка Теута Арифи.
„Сакам уште еднаш да апелирам до граѓаните за слободни, фер и демократски избори. Навистина сум горд, како човек, што за првиот изборен круг покажавме кристално чисти избори, заради тоа што само преку слободни, фер и демократски избори сите победуваме во Република Македонија“, рече Заев.
