Се ближи гласањето за уставни измени, се очекуваат повеќе гласови „за“
Аналитичарот Александар Кржаловски во својата денешна колумна за „Независен“ вели дек уште повеќе пратеници ќе ги поддржат уставните измени, чие изгласување се ближи и на собраниската агенда е на почетокот на декември.
За фронтменот на Македонскиот центар за меѓународна соработка доволен аргумент за таквиот заклучок е последната анкета на МЦМС.
„Тука би споделил и едно прашање кое не беше објавено на „Топ тема“, а тоа е дека повеќе граѓани (46,7 отсто) не се согласуваат со одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ги исклучи од свое членство овие пратеници, додека 39,1 отсто ја оправдуваат. Сето ова може да води до зголемена поддршка до крајот на процесот – односно зголемен број пратеници од опозицијата кои на крајот ќе гласаат за уставните промени. Секако, нема гаранции за тоа“, вели Кржаловски.
Тој вели дека мнозинството од македонските граѓани сега уште повеќе ги поддржуваат уставните измени откако увиделе дека на референдумот излегле 660.000 гласачи.
Според анкетата, две третини од граѓаните не се согласуваат да има помирување и евентуална амнестија.
