Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БЛИЖАТ ИЗБОРИ: Што би промениле граѓаните во државава кога би имале моќ?

СЕ БЛИЖАТ ИЗБОРИ: Што би промениле граѓаните во државава кога би имале моќ?

Граѓаните велат дека во земјава од корен треба да се менуваат работите ако сакаме поквалитетен живот. Според нив, во сите сектори треба да има темелни промени.

Дел од граѓаните кои ги прашавме за мислење, не сакаа да коментираат, но другите дадоа идеи што сакаат да се промени во Македонија. Заедничко за нив е тоа што сакаат повеќе работни места, поефикасна администрација, помалку корупција.

„Мора да се намали корупцијата. Законите да мора да се почитуваат.  Јас не сум политичар, но кој се огрешил пред законот да не може веќе да работи. И малку народот да биде поединствен, да нема поделби. Јас сум аполитична, во последно време не следам многу политика“, вели Николета Јакимовска, граѓанка.

Граѓаните го делат ставот дека во општеството има многу нерешени проблеми.

„Тие што се донесени договори, а што се штетни, треба да бидат поништени. Имаме и загаден воздух, катастрофа е. Да се донесат мерки што се најдобри за народот и за државата“, рече Страшко Станковски, граѓанин.

Бараат повисоки плати и пензии. Плус, сметаат дека е добро за пензионерите да има повеќе поволности.

„Кај нас треба сè да се среди, од корен да се менува. За пензионерите да има линеарно покачување. Да има бесплатен превоз за нив. За документите исто, не треба да се плаќа. Моите важат уште 7 години, 2020 година ги вадев и зошто сега да давам пари за нешто што не е моја грешка? Треба и повеќе домови за стари лица“, кажа Руса Тасевска, граѓанка.

Но, поплаки има и за администрацијата.

„Администрацијата да се намали, да бидат побрзи и таму да вработуваат стручни луѓе“, додаде Боца Антевска, граѓанка.

Граѓаните очекуваат подобрување на стандардот, зауздување на инфлацијата, отворање на фабрики.

„Кога би имало работа, младите не би оделе надвор од земјата. Кога имаше фабрики, градот „цветаше“. Барем две – три фабрики треба во градот Куманово“, објасни друга граѓанка.

Инаку, периодов партиите го мерат рејтингот на кандидатите со кои ќе трчаат на избори. На истите анкети, граѓаните треба да се изјаснат дали државата се движи во правилна или погрешна насока, но и кои се најголемите проблеми кои ги мачат.

„При креирање на програма на една политичка партија, да се вклучат и граѓаните. Не да биде популистичка таа програма, туку и реална, да може да се спроведе. Исто да се вклучат повеќе жени во одлучувачките органи на партиите и трето да се смени начин на водење на политика, интересот на граѓаните да биде на прво место“, вели социологот Лидија Илијевска.

Таа нагласува дека е важно политичарите да даваат реални ветувања и истите да ги реализираат. Во јавноста се шпекулира со повеќе имиња и за претседателските избори, но граѓаните во наредниот период ќе знаат дефинитивно кои ќе бидат кандидатите. 

Претседателските избори ќе бидат распишани денеска, точно 70 дена пред одржувањето на првиот круг на 24 април, а заедно со нив се очекува првиот човек на Собранието Јован Митрески да ги распише и парламентарните избори. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести