Се бира нов претседател на Адвокатската комора
Адвокатската комора на Mакедонија денеска во Струга на 63-тото Годишно собрание ќе избере нов Управен одбор и нов претседател, откако му истече четиригодишниот мандат на Никола Додевски, познат во јавноста поради тоа што го застапуваше експремиерот Никола Груевски во предметите покренати од СЈО.
Како можни наследници на Додевски досега се споменуваа адвокатите адвокати Љубомир Михајловски-Џанго, поранешен министер за внатрешни работи, Александар Тортевски, кој соработуваше со СЈО, Звонко Давидовиќ, Наташа Трпеновска-Тренчевска, Димитар Панчевски.
„Моите противкандидати се блескави правни умови. Барем за оние кои разбрав дека ќе се кандидираат. Немаме конечни информации, ниту пак формална најава кои и колку од колегите планираат да се кандидираат. Тоа е уште една мана во нашите акти. Постапката за кандидатура воопшто не е предвидена и затоа до последниот миг, не знаеме кој се ќе биде предложен, а камо ли кои се неговите визии и планови. Ова е една од работите кои итно треба да се сменат заедно со системот на избор на делегати по Основните адвокатски заедници“- изјави Трпеноска Тренчевска во интервју за Фактор деновиве.
Денеска ќе бидат одржани и „Денови на македонската адвокатура“, со што се одбележува 73 година од основањето на Адвокатската комора и 73 години адвокатура во Република Македонија.
