Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БАРААТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ПОЕВТИНА ХРАНА, ГОРИВА И ПАТАРИНИ – ќе бидат ли прифатени овие предлози

СЕ БАРААТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ПОЕВТИНА ХРАНА, ГОРИВА И ПАТАРИНИ – ќе бидат ли прифатени овие предлози

Пратениците од редовите на опозицијата, од кои најголем дел од опозициската СДСМ до Собранието доставија неколку предлог измени на законите со кои според нив ќе се подобри животниот стандард на граѓаните.

Имено, се предлагаат значајни измени на три клучни закони со кои директно се таргетира намалување на цените и ублажување на економскиот притисок врз граѓаните и компаниите, преку поевтини горива, пониски акцизи и намалени патарини.

Со измените на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува намалување на ДДВ за сите видови бензини и дизел горива од 18 отсто на 5 проценти, со цел да се намалат цените на горивата и да се ублажи ударот врз домашниот буџет.

Предлагачите оценуваат дека високите цени на горивата директно влијаат врз сите останати производи и услуги, а со тоа и врз инфлацијата и животниот стандард. Со ова решение, се очекува да се намали притисокот врз потрошувачката кошничка и да се стабилизираат цените на пазарот.

- Во време на војна и на галопирачки пораст на цените на горивата државата е должна да го намали и ублажи таквиот тренд на поскапување и да интервенира со механизми што и се на располагање.Со измената на ова законско решение ке се постигнат повеке аспекти во справување со ценовните шокови - се посочува во предлог законот доставен во Собранието.

Паралелно, со измените на Законот за акцизите се предлага намалување на акцизата на нафтените деривати, што дополнително би влијаело врз крајната цена на горивата. Во образложението се наведува дека глобалните кризи и поскапувањата на енергенсите веќе имаат сериозни последици врз економијата, преку зголемени трошоци за транспорт, производство и намалена куповна моќ на граѓаните.

Намалувањето на акцизата се гледа како директна мерка за спречување на инфлаторен бран и заштита на економската активност.

Третиот пакет измени се однесува на Законот за јавните патишта, каде се предлага намалување на патарините и нивно законско регулирање, наместо досегашната практика тие да се утврдуваат со одлука на Владата. Како причина се наведува незадоволството од високите цени и растечкиот број наплатни станици, без соодветно подобрување на квалитетот на патиштата. Дополнително, новите решенија треба да овозможат побрз проток на возила, помал метеж и намалување на потрошувачката на гориво и загадувањето.

Предложените измени, според образложенијата, не предизвикуваат директни финансиски импликации врз Буџетот, а нивната цел е да обезбедат поефикасна заштита на животниот стандард, стабилизирање на цените и поттикнување на економската активност во услови на глобална неизвесност.

Зад предложените измени стојат Бисера Костадиновска Стојчевска, Благој Бочварски, Борче Цветков, Венко Филипче, Горан Мисовски, Даниела Николова, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Миле Талевски, Митко Трајчулески, Моника Зајкова, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска, Соња Мираковска и Фатмир Битиќи.

П.О.

Слично

Поврзани вести