Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БАРА ЗАМЕНА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА И ЧЛЕНОВИТЕ НА ДКСК – Наскоро им истекува мандатот, дали би сакале да се борите со корупцијата во Македонија?

СЕ БАРА ЗАМЕНА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА И ЧЛЕНОВИТЕ НА ДКСК – Наскоро им истекува мандатот, дали би сакале да се борите со корупцијата во Македонија?

Во Собрание во тек е процедура за објава на оглас со кој ќе се бара замена на актуелните членови и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата. Собранието е должно да објави јавен оглас, со кои ќе се бараат новите членови, на кои мандатот им истекува за три месеци.

Актуелниот тим во ДКСК кој го предводи претседателката Билјана Ивановска, а во кој исто така се Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемши Салаи е избран на 8 февруари 2019 година.

Согласно законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси предвидено е постапката за избор на претседател и членови на ДКСК да започне три месеци пред истекот на мандатот на актуелните претседател и членови, а оваа постапка започнува со објавување на јавен оглас.

Утврдено е дека за претседател на комисијата може да се избере лице кое е државјанин на Македонија и кое живее во земјата, да е деловно способна личност, да има високо образование од областа на правните науки или од областа на политичките, комуниколошките или економските науки.

Покрај високото образование, се бара и најмалку десетгодишно работно искуство по завршувањето на образованието. Притоа осум години од работното искуство да биде во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото или доброто управување.

Вообичаено се бара канидатите да немаат забрана за вршење на дејност или професија.

Но, исто така е предвидено идниот претседател на ДКСК да не бил пратеник во Собранието на Македонија во изминатите десет години, ниту пак во Владата, а исто така не смее да е донатор на политичка патрија, ниту пак да е во органите на некоја од партиите во земјава.

Кандидатите кои сакаат да бидат членови на комисијата треба да исполнуваат слични услови како и кандидатот за претседател, или поточно да се државјани на Македонија, да имаат високо образование, деловно способни, да немаат забрана за вршење дејност и да имаат десет години работно искуство по завршување на факултетот. Кандидатите за членови треба да имаат шест години во областите поврзани со откривање корупција, а исто како и за претседателот не треба да биле членови на Собрание, ниту во Влада, ниту пак донатори или функционери во политичка партија.

Согласно законот, актуелната претседателка Билјана Ивановска не може повторно да се кандидира за својата позиција ниту пак за член на комисијата.

Според она што пишува во предлог одлуката на Собранието, ниту било кој претходен претседател или член на комисијата без оглед на траењето не може да биде избрано повторно за било која позиција поврзана со комисијата.

П.О.

Слично

Поврзани вести