Се бара вонреден Конгрес во ВМРО-ДПМНЕ
По вчерашните случувања околу гласањето во Собранието за уставни измени, демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ бара одговорност од раководството на партијата и одржување на вонреден Конгрес на партијата.
Велат се случи „со свој камен по своја глава”.
„Доколку најитно не се стави крај на ваквиот начин на функционирање на партијата последиците по однос на државата и партијата ќе бидат уште поголеми“ – велат од демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
Раководството треба да понесе одговорност зашто не ги послушало нивните совети.
„Актуелното раководство на ДПМНЕ свесно и намерно ги доведе дел од пратениците во таква ситуација. Потребена е политичка одговорност за водењето на калкулантската политика. Не може да се води најголема опозициона политичка партија од луѓе кои со едно око му намигнуваат на членството, а со друго на политичкиот противник и меѓународната заедница, а зад грбот на сите штитат криминални партиски структури“, се вели во денешното соопштение на фракцијата.
Од фракцијата бараат Конгресот на ВМРО ДПМНЕ да донесе одлука со која ќе се определи иднината на ВМРО-ДПМНЕ.
