Се бара укинување на квотите низ цела држава, во Гевгелија снемувало и парацетамол
Oд денеска се укинуваат
квотите за лекови во аптеките во туристичките места, жителите и туристите во регионите на Ресен, Охрид, Струга, Гевгелија и
Дојран ќе
можат во текот на целиот месец да подигат лек без квоти на товар на фондот.
Граѓаните кои ги прашавме имаат поделени мислења за мерката – дел сметаат дека е добра и олеснителна, некои не се информирани, а прашуваат и кога ќе се укине квотата и во другите градови.
Мајка на две малолтни деца од Дојран, вели дека со оваа мерка ќе и се олесни буџетот, бидејќи во текот на годината трошела доста за лекови за своите деца, но и за себе.
„Ако се разболи дете и за најобичен антибиотик после 15 во месецот порано, посебно во периодот на грип, сум ги земала лековите приватно, бидејќи завршил бројот лекови на товар на фондот. Еве пред само неколку дена за себе требаше да емам капки за очи кои се под фондот, но бидејќи беше крај на месец им завршила квотата и си ги платив приватно“, вели за Фактор Р. Шулева.
„Оваа мерка е добра, ако остане така со години, не сум информирана дали ќе важи само за туристичката сезона“, вели нашата соговорничка.
Исто така, оваа мајка на две деца истакнува дека фондот можеби треба да се погрижи и да набави лекови кои се како превентива за хроничен бронхит, лек кој таа го набавувала од аптеки во Грција или соседна Бугарија, бидејќи кај нас тој лек го нема, тешко се наоѓа.
Друга наша соговорничка пак вели дека прв пат слуша за укинувањето на квотата. Вели дека ако навистна е укината квотата е добро, луѓето ќе се послободни, а можеби и посмирени, бидејќи ќе бидат сигурни дека во секое време од месецот, ако им се потребни лекови кои паѓаат на товар на фондот, ќе можат да ги набават за поевтино.
Прашува и кога ќе се укине квотата на лекови на територијата на цела држава, бидејќи таа како жител на Скопје, не е засегната од укинатата квота во туристичките места.
„Граѓаните за една држава треба да бидаат секаде исти, а не вака поделени“, истакнува Ани од Скопје
Граѓанин од Охрид за Фактор вели дека оваа мерка ќе биде многу олеснителна за него, посебно поради местото во коешто живее, бидејќи во текот на летниот период градот е преполн со луѓе, но и во текот на целата година како туристички центар општината е полна со туристи и лекови во изминатите месеци од квотата на фондот многу бргу снемувало.
Мерката ја поздравува и жителка на Гевгелија, која за Фактор вели дека гевгеличани од Грците не можеле понекогаш да дојдат до парацетамол или аналгин, а камоли за некој друг лек.
„После 10 ти во месецот сум ги шетала сите аптеки во Гевгелија, од централното градско подрачје до периферијата, после 10 ти не можев да најдам никако лек кој беше под фондот, ако од денес се укинува квотата тоа за мене е супер, нема да има потреба да одам по аптеките низ градов, ќе отидам до најблиската и ќе си ја земам потребната терапија“ вели за Фактор, Наташа М.
Исто така, гевгеличанката вели дека понекогаш во аптеките во централното градско подрачје на најужниот град во земјава не може да се најде парацетамол, ниту аналгин, од Грците коишто буквално ги нападнувале аптеките во Гевгелија и излегувале со кеси полени оттаму како да доаѓа крајот на светот.
Засега од опозиската ВМРО-ДПМНЕ нема официјална реакција за оваа мерка, додека од владеачката СДСМ го поздравуваат проектот и велат дека со оваа мерка власта останува на страната на лекарите и на пациентите.
Н.М.
