СЕ БАРА СУСПЕНЗИЈА ЗА ОБВИНИТЕЛИТЕ: Поднесени кривични пријави за хонорарите во СЈО
ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави за обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), за хонорарите кои ги добивале додека работеле таму.
Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски изјави дека во СЈО за четири години од 2015 до 2019 година противправно си исплаќале надоместоци и додатоци на плата, со што го оштетиле буџетот за 4.6 милиони евра. Додава дека специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, иако донела Правилник за утврдување и исплаќање на додатоци на плата, не се придржувала кон законите и посебните акти, и неосновано исплатила додатоци на плата на вработените во Специјалното јавно обвинителство во висина од 282.896.000 денари, односно околу 4,6 милиони евра за кои што нема законско покритие, по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност. Стоилковски тврди дека обвинителите направиле повеќе продолжени кривични дела, и тоа злоупотреба на службена должност и овластување од чл. 353 од Кривичен законик, несовесно работење во служба чл. 353 од Кривичен законик, проневера во служба чл. од Кривичен законик, измама во служба чл. 355 од Кривичен законик.
„4.6 милиони евра народни пари, без било каков основ си исплатиле Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска, Лиле Стефанова, и другите обвинители од СЈО. ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе кривични пријави против сите овие лица“, рече Стоилковски.
Партијата бара да се изврши суспензија на обвинителите од поранешното СЈО, а Јавното Обвинителство веднаш да постапи по кривичните пријави, и во најкус можен рок да извршат враќање на незаконски стекнатите средства.
Обвинителите од СЈО се распределени во обвинителствата во државата.
