Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се бара притвор за двајца демонстранти

Се бара притвор за двајца демонстранти

Се бара притвор за двајца учесници на протестот за случајот Монструм. Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело „учество во толпа која ќе изврши кривично дело“ во согласност со член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, на возраст од 22 и 19 години, учествувале на вчерашниот јавен собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот Монструм. По завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените и повеќе други лица почнале да фрлаат со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети по полицајците во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да избегаат или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Откако Министерството за внатрешни работи ќе ги комплетира кривичните пријави и за други лица кои извршиле насилнички дејствија за време на протестот, Основното јавно обвинителство Скопје и за нив ќе поведе кривична постапка, соопшти ОЈО.

На протестот беа повредени 11 полицајци, а беа приведени 8 учесници на протестот. 

Протестот е организиран поради незадоволството на семејствата на обвинетите во случајот Монструм по изрекување доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро кое се случи на 12 април 2012 година. 

Слично

Поврзани вести