Се бара притвор за Чавков за настаните од 27 април
Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе Предлог за определување мерка – Притвор за Митко Чавков, согласно чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка.
„Имено, по добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка – Притвор. Кривичниот совет го прифати предлогот на обвинителството и на обвинетиот со Решение му определи мерка – Притвор во траење од 30 дена“, информираат од обвиителството.
Обвинетиот е дел од предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата.
