Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ БАРА ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА ЗА БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ ОД ОТКАЗИ – еве какви измени на законот се предлагаат

СЕ БАРА ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА ЗА БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ ОД ОТКАЗИ –  еве какви измени на законот се предлагаат

Пратениците од редовите на опозициската партија Левица бараат измени на Законот за работни односи, во делот кој се однесува на заштита на бремените жени.

Како што посочуваат од партијата, иако Уставот ги гарантира правото на еднаквост во правото на работа, слободата за одлука за создавање семејство, како и посебната заштита на мајчинството и децата, но бременоста како личен статус не е експлицитно спомената во Уставот, таа е опфатена во принципот на еднаквост, правото на слободно формирање семејство и правото на работа, кое е подеднакво достапно за сите.

-  Законот за работните односи ја уредува положбата на работничката за време на бременост и отсуство од работа поради бременост, при што истиот претпоставува еднаква положба и уживање на еднакви права за сите работнички без разлика на видот на работниот однос.

Сепак, иако навидум бремената работничка е целосно заштитена при заснован работен однос, што и овозможува и користење на правата од работен однос поврзани со бременост, во реалноста всушност се случува нееднаквост во пристапот и во остварувањето на овие права, особено кога станува збор за работничките кои се во работен однос на определено време – напоменуваат пратениците во образложението.

Додаваат дека во најголемиот број од случаите бремените работнички во работен однос на определено време, со истекот на договорот за определено време ги губат правата од работен однос поврзани со бременост, иако до тој момент законски ги имале тие права подеднакво како и работничките кои се во работен однос на неопределено време.

-  Доаѓаме до ситуација на нееднаквост, ставот 3 на членот 101 од Законот за работните односи контрадикторно на членот 9-б кој ги става во еднаква положба работничките на определено и неопределено време, ја овозможува оваа нееднаквост и предвидува дека бременоста не го спречува истекот на договор за вработување склучен на определено време, со што бремената работничка по тој период ги губи сите права. Често работодавачите преку „скриена дискриминација“ во ситуација кога се информирани за бременоста на работничката, истите не го продолжуваат нејзиниот договор за вработување иако потребата за работна сила се уште е присутна ниту пак во меѓувреме потребата за работното место престанала или истото е укинато – се образложува во предлог измените.

Предлагачи на законот се Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил и Сашко Јанчев, сите од редовите на Левица. Тие додаваат дека, ваквата состојба укажува на потреба од измени на Законот за работните односи, особено во делот што го регулира статусот на бремените работнички со договор на определено време. Додаваат дека целта е вистинско спроведување на забраната за дискриминација поради бременост и овозможување на остварување на правата поврзани со бременост.

-  Забележливо е дека, иако бремените работнички со договор на определено и неопределено време формално треба да уживаат исти права, непродолжување на договорот на определено време ја става бремената работничка во понеповолна и нееднаква положба, особено поради тоа што до моментот на истекот на договорот ги уживала сите права поврзани со бременост, но со истекот на договорот за определено време таа ги губи тие права, за разлика од работничката која е со договор на неопределено време и која во целост ги остварува тие права до крајот на бременоста, односно породилното отсуство. 

Оттука, неопходна е измена на Законот за работните односи во делот на регулирање на работниот однос на бремената работничка, како би се остварила крајната цел на забраната за дискриминација поради бременост– укажуваат пратениците. 

П.О.

Слично

Поврзани вести