СЕ БАРА КОНКРЕТЕН ДАТУМ ЗА УТОВАР НА КИНЕСКИТЕ ВАКЦИНИ: За Спутник V треба да почнат преговорите, благодарност до рускиот амбасадор
До крајот на
месецов ќе стигнат во Македонија вакцините од кинескиот производител „Синофарм“
уверува премиерот Зоран Заев, кој истовремено истакна дека во текот на неделава
се бара и конкретен датум за утовар.
-До крајот на месецов треба да ги очекуваме кинеските вакцини, помина кинеската Нова година, засилена е динамиката. Вчера иако беше недела, прво јас пуштив писмо, потоа министерот Бујар Османи пушти писмо преку кинеската амбасада, но и нашата амбасадорка во Кина испрати писмо се со цел да го убрзаме процесот што побрзо да биде направено утоварувањето. Од тоа што го знам е дека се бара конкретен датум за утовар, тоа ќе биде во текот на оваа недела и верувам дека до крајот на седмицава ќе стигнат кинеските вакцини. За Спутник V ќе ги знаеме деталите веднаш штом се случат договорите па согласно тоа да можеме да проектираме датум, истакна премиерот Заев
Тој потенцираше дека во делот на пресметките сè уште има простор за склучување договори и правење нарачки или аванси, нагласувајќи дека такви се модалитетите кога се нарачува од вакцините.
-Затоа дадов насоки на министерот за здравство, согласно мислењето на стручните експерти кои што утврдија дека имаме можност за уште 100.000 вакцини, веднаш да направат набавка и на таа вакцина која што ја немаме, а тоа е Спитник V. Влегоа веднаш во разговори. Му благодарам на амбасадорот на Руската федерација тука во Македонија, кој што ни помага и асистира за да можеме час поскоро да ги почнеме формалностите околу договорите, претдоговорите, осигурувања, сите детали коишто постојат како и за сите други вакцини, а се со цел да можеме да очекуваме буквално од сите вакцини. Нагласувам сите, бидејќи преку Ковакс механизмот се и Модерна и АстраЗенека и Фајзер веќе го имаме, од Кина имаме нарачано, и ова го кажувам граѓаните да знаат дека од сите производители на вакцини преку соодветните земји или компании, фондови, кои и да се овластени преговарачи склучуваме договори за да имаме што поскоро вакцини во земјава, истакна Заев.
А.Б.