СДСМ: Зошто Мицкоски ја крие средбата со Главчев во Вашингтон?
СДСМ побара од премиерот Христијан Мицкоски да изнесе детали за средбата со бугарскиот премиер Димитар Главчев во Вашингтон на собирот на НАТО-земјите.
„Зошто Мицкоски ја крие средбата со бугарскиот премиер Главчев? Поминаа 14 часа откако бугарскиот премиер Главчев на долго и на широко раскажа за средбата со Христијан Мицкоски пред медиумите, а Мицкоски никаде го нема да ги соопшти ставовите од таа средба.
Покрај протоколарните убави зборови, Главчев јасно ги повторил позициите на Бугарија дека обврските за Северна Македонија остануваат.
Дали Мицкоски го крие разговорот и се срами да соопшти како поминале неговите барања? Дали воопшто ги поставил барањата за промена на преговарачката рамка?Дали било што од ветувањата кои ги даде пред граѓаните во кампањата го покренал како прашање? Или повторно, по веќе не знаеме кој пат од преземањето на власта, си ја подвиткал опашката?“, реагира СДСМ.
Според опозициската партија, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ требало да го искористат самитот за зајакнување на македонските позиции во однос на Бугарија и Грција, но и да се остварат важни средби.
„Засега се што добивме се многу насмеани селфи фотографии од министрите, една веќе постоечка инвестиција и никаков успех на дипломатски план. ВМРО-ДПМНЕ секој ден покажува дека ништо од ветеното не планира да реализира ниту има капацитет за тоа“ реагираат од таму.

