СДСМ за наводната афера со Вице Заев: Полициските пријави потпишани од началник близок до ВМРО-ДПМНЕ и Наќе Чулев
Пријавите до Обвинителството за аферата „Рубитон“ се потпишани од началник близок до ВМРО-ДПМНЕ и од поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, тврдат од владеачкиот СДСМ.
Васко Ковачевски, актуелниот директор на ЕСМ, а поранешен директор на РЕК Битола се обидел да изнуди пари од сопственикот на фирмата Рубитон од Битола, а за тоа имал помош и од Вице Заев, брифираше ВМРО-ДПМНЕ изминатата недела. Случајот е од 2018 година, а за да биде уште поскандалозен, пријавата од сопствениците на компанијата доставена до Обвинителството за организиран криминал и корупција била фалсификувана и од неа биле мистериозно извадени делови во кои се споменувало лицето Вице. Овие обвинувања на брифинг ги изнесе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој презентираше две фотокопии, двете пријави до Обвинителството, но во едната, како што вели, се исчезнати делови од исказот на пријавителите во кои детално објаснуваат за врската со лицето Вице, лице кое таму е напишано како Вице Н ( н.з. непознато презиме).
„Неколку дена од белиот дворец се шират лажни вести, се конструираат непостоечки скандали со кои ВМРО-ДПМНЕ ја замајува јавноста“, реагираат од СДСМ на пресот на Арсовски.
Со денови Мицкоски и неговите пајташи шират лаги од типот „барал средба за да не се сретне“ еднаш посочуваат една личност па потоа Мицкоски вели дека никаде на ја посочиле личноста, обвинуваат за наводни фалсификати на пријави на кои е потпишан началник близок до ВМРО-ДПМНЕ и Наќе Чулев. Со таков однос, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не дејствуваат сериозно, туку и свесно ја потценуваат интелегенцијата на граѓаните“, реагираат денеска од владеачката партија.
Синоќа МВР соопшти дека тројца полициски службеници се сомничат за оддавање службена тајна и злоупотреба на државна, службена или воена тајна, како и злоупотреба на службена положба и овластување. Од Обвинителството засега нема одговор дали против нив се превземени мерки.
