СДСМ ЗА ИДЕЈАТА НА МИЦКОСКИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ ДАНОЦИ ЗА ОНИЕ КОИ НЕ СЕ ВО БРАК: За ваквите мерки нема место ни во земјите од третиот свет
Со шок и неверување СДСМ ја проследи намерата на премиерот Христијан Мицкоски да ги казнува дополнително граѓаните и да воведе данок на неженети и немажени.
Како што велат оваа длабока конзервативна и погрешна идеја директно гази на правата, слободниот избор на граѓаните и ја ништи нивната волја. Од СДСМ додаваат дека ваквите недемократски мерки немаат место ни во земјите од третиот свет, а не пак во демократски држави за кои се смета Македонија.
„Од друга страна, Мицкоски со ова уште еднаш потврдува колку нема допир со реалноста и не ги разбира граѓаните ниту нивните проблеми. Не ги разбира ниту младите, ниту луѓето што живеат сами, ниту семејствата што едвај врзуваат крај со крај. Наместо решенија, тој нуди казни. Има огромен број на луѓе кои сакаат да се во брак и да имаат деца што ќе ги гледаат како растат во радост, но од здравствени или други причини и не можат да ги имаат. Свесен ли е Мицкоски дека секое трето дете живее во сиромаштија? Свесен ли е дека половина милион граѓани живеат со плата под просечната? Што напарави Мицкоски да им обезбеди подобри услови на живот на овие луѓе, поголеми плати или пак сигурна иднина? Што направи за да им овозможи услови да растат деца во достоинство и со нормален приход? Проблемот е што младите со години ги бројат парите од месец за месец и гледаат што побрзо да заминат од тука. Проблемот е што премногу луѓе веќе ги спакуваа куферите и заминаа. Мицкоски е човек од високата класа со часовници од 60.000 евра кој јаде папаја и манго за доручек. Тој не разбира што значат економски проблеми“, додаваат од СДСМ.
Од партијата велат дека понекогаш луѓето не остануваат сами затоа што така избрале — туку затоа што животот ги принудил.
„Ова не е време за казнување на луѓето, туку време за вложување во нив. Време е да се обезбедат плати од кои може да се живее, училишта со учебници, градинки со доволно места, здравство кое не ги остава родителите да молат и да чекаат со месеци. Време е да им се даде на луѓето причина да останат, да сакаат, да се венчаат и да имаат деца тука — затоа што веруваат дека тука има иднина. Решението за негативниот наталитет и иселувањето не е во понижувачки даноци. Решението е во тоа да се покаже дека секој тука има своја вредност, своја шанса и своја поддршка. Оние што сакаат да останат и да изградат живот овде се храбри. Наместо да ги казнуваме, треба да ги поддржиме“, стои во соопштението од СДСМ.
Мрежата за заштита од дискриминација ја осуди најавата на премиерот Хистијан Мицкоски дека Владата размислува за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица, ипредупреди дека тоа е закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.
