СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да не го политизира случајот со пожарот во Тетово
СДСМ претпладнево преку соопштение во јавноста побара од ВМРО-ДПМНЕ, велат од таму, да не го политизира случајот со пожарот во тетовската модуларна болница во која изгореа 14 лица.
„Додека е државата во тага, ВМРО-ДПМНЕ сака да ја поткопа независната, непристрасна, објективна и ефикасна истрага за пожарот во модуларната болница во Тетово, која ќе даде одговори за се.
Предизборна политизација на трагедијата е очајнички обид на ВМРО-ДПМНЕ да покрие тоа што нема понуда и знае дека и следи пораз. Нема да дозволиме лагите, некрофилноста на ВМРО-ДПМНЕ да влијаат врз истрагата. Институциите имаат стручност и капацитет да спроведат темелна и ефикасна истрага.
Вклучувањето на странски експерти во откривањето на причините за пожарот е дополнителна потврда за непристрасност во постапката.
Јавноста навремено ќе биде запознаена со секоја запирка и точка од извештајот на истрагата и дејствијата кои се преземаат, никој нема да биде изземен од одговорност ако истрагата тоа го утврди“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ изразија големо жалење за огромната трагедија и загубата на животи на наши сограѓани во пожарот во модуларната болница во Тетово и побараа да се утврди одговорност.
– Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на починатите во ужасната трагедија и искрено желби за брзо закрепнување на сите повредени од синоќешната страотна катастрофа. Воедно сакаме да потенцираме дека е важно институциите да го истражат до крај причинителот и да се утврди одговорност, која не смее да изостане, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
