СДСМ: Телохранителот на Мицкоски со договор за купопродажба од 500.000 евра
Славјанка Петровска од СДСМ денеска објави документ, кој наводно е договор за купопродажба во вредност од 500.000 евра на телохранителот на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за земјиште што е добиено на подарок во Делчево. Според СДСМ, парите завршиле во касата на ВМРО-ДПМНЕ.
– Но, скандалот добива драстично поголема димензија која води директно до Мицкоски. Едно од вмешаните лица е и Влатко Илиевски, дел од обезбедувањето на Христијан Мицкоски. Ова е Договорот за купопродажба на Илиевски, телохранителот на Мицкоски, вреден неверојатни 500.000 евра, рече Петровска, покажувајќи го документот.
Таа го повика Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори: Каква е неговата поврзаност со овој скандал? Дали со негово одобрување и знаење е склучен овој договор? Дали разликата од препродажбата како црни пари завршиле во „Белиот дворец“ за што постојат оправдани сомневања?
Од таму додаваат дека истрагата на надлежните институции треба да ги даде сите детали за овој случај и да лоцира одговорност. Неколку лица, според СДСМ, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, купиле или добиле на дар парцели земјиште во општина Делчево, сите вредни околу 40.000 евра. Истите парцели само две-три недели подоцна ги продале и за 40 пати повеќе од пазарната вредност или за вкупно 1,6 милиони евра.
