СДСМ СО НОВА СТРАТЕГИЈА, „БЛУПРИНТ ЗА СОЦИЈАДЕМОКРАТИЈА“:Партијата изготвила амандмани за ребалансот на Буџетот
Лидерот на
СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека партијата се враќа во форма и дека
кризата од изборите е минато. Тој нагласи дека изминатиот период има постојани
средби со членови од партијата и оние коишто се активни, и оние коишто се
незадоволни од одредени состојби.
Партијата, како што кажа, ќе подготвува нова стратегија за СДСМ, документ што ќе се работи под негово претседателство и со којшто ќе се афирмираат социјалдемократските вредности.
-Започнуваме подготовка на целосно нова стратегија и таканаречен „Блупринт за социјадемократија“ Овој документ ќе биде новата идеолошка и политичка стратегија за ребрендирање и модернизација на СДСМ. Со него ќе направиме реафирмација на социјадемократските вредности прилагодени на новото време земајќи ги предвид секако новите политики коишто ќе ги презентираме на еден инклузивен начин, со широка платформа во којашто беа вклучени многу фактори што ги делат нашите вредности“- истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешниот брифинг.
Пратеничката група на СДСМ, како што рече Филипче, изготвила амандмани во однос на ребалансот на Буџетот за кој денеска почнува расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и додаде дека тие ќе се однесуваат на пронаоѓање на средства за оние на коишто во моментов им недостасуваат, а посебен акцент ќе се стави на можностите за зголемување на платите на работниците.
Претседателот на СДСМ ја повика Владата што е можно поскоро во Собранието да го достави законот за заемот од Унгарија, за кој што кажа дека има многу нејаснотии и оти прв пат во историјата се задолжуваме со билатерален заем наместо државата да прибегне кон меѓународните инструменти, кои како што имаат прецизен контролен механизам.
