СДСМ со мнозинство во Кавадарци - Јанчев вели тој е спас за градот
Советничката група на СДСМ и коалицијата и независниот советник Ристо Сакалиев во општина Кавадарци направија коалиција, со која обезбедуваат мнозинство во Советот.
Одлуката за коалицирањето ја соопштија Сакалиев и Ташо Радњански, советник на СДСМ и коалициските партнери.
„Тоа е еден чекор напред во демократијата, институцијата Совет да го направи мнозинството без чекање исход од победникот од кандидатите за градоначалници и посакувам ова да биде пракса и натаму, не само во Кавадарци туку во цела Македонија. Со големо задоволство ја прифаќам понудата од Радњански. Мислам дека тој добро ќе го води Советот во коалиција со мене, еден искусен советник транспарентен човек што не подлегнува на никаков терор, човек што се дистанцира од некои партиски одлуки кои мисли дека не се како што треба, а таков сум и јас“ -рече Сакалиев.
Задоволство од донесената одлука изрази и Радњански.
„Ова значи дека во општина Кавадарци сега засега апсолутно мнозинство од десет советници има коалицијата предводена од СДСМ. Со Сакалиев сме имале одлична соработка во Советот изминативе години и секогаш сме се бореле за нашите сограѓани. Граѓаните препознаваат дека овој момент е единствена опција што може реално да направи нешто за Кавадарци“ - рече тој.
Смета дека со ова јасно се трасира патот за избор на новиот градоначалник на Кавадарци од СДСМ.
Здружување заради лични интереси, вака денеска ја нарече кандидатот за градоначалник на општина Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери, Митко Јанчев, новата коалиција во Советот помеѓу СДСМ и независниот советник Ристо Сакалиев.
„Мораме да ставиме крај на овие манипулации и гладни луѓе за власт. Ако дозволиме овој состав на Советот заедно со нивен градоначалник да ја добие апсолутната власт, ќе бидеме сведоци на уништување на нашиот град. Нивните лични интереси не смеат да бидат приоритетна работа. Ова е само уште еден поголем адут за вас почитувани граѓани да одберете општина која ќе биде слободна, а не општина за лични интереси“- рече Јанчев на прес-конференција.
