СДСМ: Што ќе му се сувенири на Иванов на крај на мандат
СДСМ го повика македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов да ја откаже нарачката за сувенири затоа што е пред самиот крај на вториот мандат и повеќе нема да биде шеф на државата.
Според СДСМ, Иванов ќе потроши 20.000 евра за 700 видови на сувенири во форма на пенкала, чадори, бисерни обетки, вински сетови, филигрански накит, марами и вратоврски.
„Ѓорге Иванов го завршува мандатот како што го почна: неодговорно, со недомаќинско работење спротивно на интересите на граѓаните и државата. Ваквото трошење народни пари за сопствен маркетинг не е однесување на одговорен претседетал на држава кој ги застапува интересите на сите граѓани. Ваквото неодговорно и расипничко однесување на Иванов повеќе наликува на однесувањето на водачи на авторитарни режими. Дали можеби и биста планира да си нарача Иванов пред да му истече мандатот?“, прашуваат од владеачката партија.
Од таму додаваат дека на претстојните избори „граѓаните ќе одберат вистински претседател, претседател кој заедно со демократските и прогресивни сили ќе ја поведе државата кон полноправно членство во НАТО и интеграција во ЕУ.“.
