СДСМ: Престрелка и убиство „во двор на полициска станица“, Тошковски да си поднесе оставка
СДСМ денес го повика Панче Тошковски да си поднесе оставка од функцијата министер за внатрешни работи, откако вчера сред бел ден во престрелка во близина на полициската станица кај скопски Бит пазар беше убиено едно лице.
Додека Панче Тошковски се изживува врз граѓаните и поднесува кривични пријави за објави на Фејсбук, криминалните банди му праќаат порака дека тој не ја контролира безбедноста и не му се плашат, изјави Симона Цветаноски од СДСМ.
-МВР, под водство на Панче Тошковски, како никогаш досега е паднато на колена до таа мера, што вчера пред полициска станица, сред бел ден во Скопје, се случи уште една мафијашка престрелка. Пред очите на јавноста, во двор на полициска станица се случуваат крвави пресметки со загинати и повредени.
Ова е тотален распад на безбедносниот апарат. Нешто сериозно не е во ред со институциите, со системот. А цената за неспособноста во управување со безбедносниот систем ја плаќаат граѓаните и тоа прескапо, со своите животи. Како може да нема одговорност за никој во МВР и во полициските структури? – праша Цвртаноски.
